Кога треба накратко да кажам нешто за себе, кажувам дека сум активист за човекови права. Бидејќи основното човеково право е правото на живот, тогаш станува малку појасно зошто се интересирам за екологија, одржување на биодиверзитет и намалена употреба на штетни хемикалии при производство на храна. Сведоци сме на забрзани промени во природата како последица на климатските промени, за кои допринесува и човекот со неговите активности. Сметам дека како човештво, доколку не се погрижиме сите заедно за регенерација на планетата и она што е уништено посебно во последните неколку децении, ќе нема што да им оставиме на следните генерации.
Пред две години подетално се запознав со концептот за еколошко одгледување на пчели и кога ја прочитав објавата дека ќе се организира основен курс за одржливо пчеларство од Меден Исток, веднаш одлучив да се пријавам. Мојата одлука беше пред да почнам подетално да читам и да се занимавам со пчеларство, да ги научам техниките од луѓе кои целиот свој живот го посветиле на пчеларството и љубовта кон одгледувањето пчели. Сам не можеш да го научиш тоа. Иако постои литература за пчеларство, тешко е да се најде на македонски јазик и не е доволно специфична за нашата автохтона пчела Apis mellifera macedonica. Дополнително, не постои начин за практична едукација за одгледување пчели надвор од обуката која ја организира Меден Исток.
Обуката се реализира од двајца одлични предавачи кои имаат теоретско и практично искуство кое несебично го споделуваат. Јас и самата сум обучувач (на други теми) и знам дека доколку не сте навистина внесени во она што се обидувате да го пренесете и како знаење и искуство на другите, нема успех. Групата е хетерогена во секој поглед, но предавачите успеваат на терен, во пчеларникот за практична работа, да работиме како еден без да ги вознемируваме пчелите. Во однос на колегите, јас бев единствената без никакво искуство во пчеларство. Сакам да ја искористам оваа прилика и да им се заблагодарам за поддршката која ја добивав, за трпението кое го покажаа и за преубавата енергија која ја споделуваме.
Самата обука е многу добро организирана, преку навремени и континуирани информации за учесниците, контакт со организаторите, грижа за учесниците, достапност на сите материјали и комуникација со предавачите. Обуката се реализира скоро секој викенд во периодот мај – јули, и неколку предавања се предвидени за август и септември за да се заврши со подготовка на пчелите за претстојните студени периоди. Во текот на овие четири месеци се опфаќаат сите циклуси од активностите на пчелите во текот на една година. На крајот на обуката, се добива сертификат за одржливо пчеларство акредитиран од Центарот за образование на возрасни.
Двајцата обучувачи имаат повеќе од 25 години искуство во пчеларство, испробале различни методи и приоди и она што го добивме како учесници на обуката е сублимат на нивното знаење и искуство кое ќе ни помогне да не ги повторуваме нивните грешки и да градиме понатаму, да истражуваме и да унапредуваме. На обуката присуствуваат и искусни пчелари кои учат нови работи и го унапредуваат сопственото одгледување и почнуваат со примена на одржливите практики кои го подобруваат нивното и здравјето на пчелите кои ги одгледуваат.
Јас сум воодушевена од начинот на организација на пчелната кошница. Нема секој да прави што и како сака и со своето однесување да штети на другите членови од пчелното семејство. Кога ќе се изведе малата пчелка, прво ќе си го исчисти местото (ќелијата) каде се родила, после ќе ги храни постарите ларви, па кога ќе се научи како се прави тоа, ќе се грижи за помладите ларви. После ќе средува во кошницата, ќе гради ќелии, и пред да ја пуштат во надворешната средина, ќе си го чува влезот на кошницата од натрапници. Дури откако ќе созрее, пчелата ќе осознае што значи грижа за семејството и колку труд е потребно да се гради и одржи стабилна кошницата, дури тогаш ќе може да излезе и да опрашува и собира нектар од природата.
Пандемијата требаше, но не нè научи, дека само преку грижата за другите, може и на нас да ни биде добро. Пчелите тоа секојдневно го прават и се грижат за нас. Зошто и ние, како човештво, да не се погрижиме за нив кога тие толку добро се грижат за нас?
1 Comment “Интервју со Гордана Несторовска, учесник на Обуката за одржливо пчеларство на Меден Исток”