Едукативниот центар на ЈГПБР „Меден Исток“ објавува повик за пријавување на кандидати за учество на програма за ПЧЕЛАР ЗА ОСНОВНО ПЧЕЛАРСТВО НА ОДРЖЛИВ НАЧИН, за лица кои имаат желба пчеларството да им стане идна професија и да се стекнат со вештини за самостојно одгледување на пчели на одржлив начин.
Програмата за „Пчелар за основно пчеларство на одржлив начин“ е верифицирана од страна на ЈУ Центар за образование на возрасни и Министерството за образование и наука, со што секој учесник кој успешно ќе ја заврши, ќе се стекне со национално признат сертификат.
Оваа програма за стекнување вештини за одржливо пчеларство е единствена во нашата држава, каде што се користат швајцарските знаења и искуства, адаптирани на македонските услови, кои веќе ги применуваат членовите на ЈГПБР „Меден Исток“. Секој учесник кој успешно ќе ја заврши програмата, ќе биде способен за самостојна работа и примена на практиките за одржливото пчеларство. Со самото добивање на сертификатот, учесниот се стекнува и со можност да биде активен член на ЈГПБР „Меден Исток“, со што се здобива со право на користење на сертификатната марка за одржливи практики во производството на мед и други пчелни производи според Правилникот за прием на нови членови на ЈГПБР Меден Исток, со која производите имаат додадена вредност, како и активно учество во сите програмски активности за унапредување на пчеларските практики.
По завршување на програмата учесникот ќе биде оспособен за:
- подигање на пчеларник на соодветна локација;
- препознавање на болестите кај пчелите и примена на биотехнички методи за справување со болестите;
- размножување на пчелите;
- хранење и зазимување на пчелните семејства;
- собирање, складирање и пакување на пчелните производи;
- примена на стандарди и контрола на производството;
- правилно користење на машините, опремата и алатот на работното место и заштита на здравјето и животната средина.
Кој може да ја посетува програмата?
Програмата може да се ја посетуваат сите заинтересирани лица со наполнети минимум 18 години, имаат завршено минимум основно образование и се вљубеници во пчелите и природата.
Времетраење и локација на програмата
Програмата ќе се организира во период од 4 месеци, започнувајќи од месец февруари, за време на викенди, со вкупно траење од 110 часови, распределени во 7 различни тематски модули. Програмата предвидува теоретски предавања и практична работа на пчеларник.
Теоретската настава ќе се изведува во Кочани, во соодветно опремени простории со сите потребни нагледни едукативни средства.
Практичната настава ќе се реализира на нагледен пчеларник во близина на вештачкото езеро Гратче во Кочани, кој се наоѓа на 5 км од центарот на градот. Секој учесник ќе има можност за индивидуална практична работа на посебно пчелно семејство во нагледниот пчеларник, со цел подобро совладување на материјата.
Едукатори на програмата
Програмата ќе биде реализирана од двајца едукатори:
- Едукатор за практична настава: Ванчо Кировски, долгогодишен пчелар со големо искуство во примена на практиките за одржливо пчеларство и практична обука во пчеларството, како и добитник на многубројни домашни и меѓународни признанија за производство на квалитетен мед;
- Едукатор за теоретска настава: Марјанчо Арсов, м-р на земјоделски науки, исто така искусен едукатор и пчелар, со многубројни домашни и меѓународни признанија за производство на квалитетен мед.
Цена на програмата
Цената по учесник за следење на програмата за Пчелар за основно пчеларство на одржлив начин изнесува 24.000 денари. Учесниците ќе плаќат 50% од цената, а 50% ќе биде со поддршка од проектот „Организациски развој на НФФ и подобрени врски со пазарот за малите земјоделци и производители од руралните области со цел зголемување на приходите. Овој проект се имплементира од Нaционалната федерација на фармери со подршка на Шведската организација за развој We effect и Сида.
Со учество во програмата секој учесник добива:
- 110 часови на теоретска и практична настава;
- Основна пчеларска опрема за работа на пчеларник (брендирано пчеларско одело(панталони и блуза), пчеларски нож, електричен жврк, четка, ракавици и дималка);
- Национално признат сертификат;
- Едукативен материјал за одржливо пчеларство;
Плаќањето за програмата може да биде реализирано со целосна уплата пред започнување на програмата. Исто така цената на чинење на програмата учесникот може да ја плати на максимум три еднакви рати од по 4.000 денари, со следнава динамика:
- првата рата пред почетокот на програмата,
- втората рата до крајот на март 2022 година и
- третатата рата пред добивање на сертификатот.
Безбедност на учесниците од Ковид-19 пандемијата
Методологијата на работа за време на одржувањето на програмата ќе биде целосно прилагодена на активните мерки за заштита од Ковид-19 кои ќе бидат активни за време на одржување на програмата.
Рок и начин на пријавување
Поради ограничените можности за успешно спроведување на програмата, бројот на учесници е ограничен на максимум 20.
Пријавувањето за учество се врши со пополнување на соодветна пријава на: Пчелар за основно пчеларство на одржлив начин најдоцна до 24 јануари 2022 година на линкот во огласот.
Број на учесници
Доколку се пријават повеќе лица од предвидениот максимален број, предност ќе имаат младите и жените од руралните средини и невработените. Минимален број за реализација на програмата се 16 учесници. Доколку нема доволен број на пријавени учесници, програмата нема да се реализира или ќе се пролонгира до пополнување на бројката.
Дополнителни информации
Заинтересираните кои имаат било какви прашања во врска со програмата може да се обратат на емаил: info@medenistok.mk, најдоцна до 21 јануари 2022 година.
Согласно Законот за образование на возрасните („Службен весник на Република Македонија“ бр.07/08), сите учесници во програмата потпишуваат договор за следење на програмата со сите пропишани услови.