На 26-ти мај во Едукативниот центар за зачувување на природата во с. Негрево, заедно со Амбасадата на Република Словенија и Општина Пехчево го одбележавме Меѓународниот ден на пчелата.
Обединетите нации по предлог на Словенија во 2017 година го прогласија 20 мај како Меѓународен ден на пчелата, а главна цел на одбележувањето на овој ден е да се подигне свеста на луѓето, особено на младата популација за значењето на пчелите кон заштитата на природата, биодиверзитетот, развојот на земјоделството и воопшто за доброто на сите нас.
Присутните на настанот, освен што можеа да го вкусат медот од нашите членови, беа запознаени и со активностите на ЈГПБР „Меден Исток“ кои применуваат одржливи практики во пчеларството со особена грижа кон зачувување на природата. Амбасадорот на Република Словенија, во своето обраќање, ги сподели искуствата на својата земја во развојот на пчеларството и придонесот кон заштитувањето на природата од страна на луѓето.
На настанот во с. Негрево, присуствуваа Амбасадорот на Република Словенија г-дин Милан Предан, градоначалникот на општина Пехчево г-дин Драган Тренчовски, заменик министерот за земјоделство шумарство и водостопанство на Република Северна Македонија г-дин Трајан Димковски и координаторот на Обединетите нации во Република Северна Македонија г-ѓа Росана Дудзиак.